недеља, 9. новембар 2014.

ПРИВАТНА РЕВИЗИЈА втор дел ДЕНОЈ

ЕСЕН




            Со Законот за извршување, се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, нотарски исправи и други извршни исправи кои се предвидени со закон.
            Основа за извршување претставува извршната исправа, како и решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа донесена од нотар.
             Извршувањето започнува по барање на доверителот.
            При спроведување на извршувањето извршителот е должен да води сметка за достоинството на личноста на странките, учесниците во постапката на извршување и нивните семејства, како и за тоа извршувањето да биде поповолно за должникот.
            При спроведување на извршувањето сообразно се применуваат одредбите од Законот за парнична постапка, ако со Законот за извршување или со друг закон поинаку не е определено што значи дека, Законот за парнична постапка е закон lex generalis, а пак Законот за извршување е закон lex specialis. Ова значи дека, спроведувањето на извршувањето е регулирано со lex specialis Закон за извршување, а за се што не е регулирано со тој закон, ќе се применуваат одредбите од lex generalis Законот за парнична постапка.
            Како и секој друг закон и Законот за извршување уште во уводните одредби го дефинира значењето на одделни изрази кои се специфични и се употребуваат во тој закон. Така на пример терминот „ДОВЕРИТЕЛ„ е лице чие побарување се остварува, „ДОЛЖНИК„ е лице спрема кое се остварува побарување, „СТРАНКА„ се доверител и должник итн. Во истиот Член 11, Законот определува и дека „извршител„ „заменик извршител„ и „помошник извршител„ се лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, именувани согласно Законот за извршување, кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се превземат во рамките на нивните овластувања, за да се спроведе извршната одлука и да ги преземат извршните дејствија.
            Извршувањето започнува со поднесување на барање за извршување од страна на доверителот. Барањето за извршување на извршната исправа доверителот го поднесува до извршителот во писмена форма со приложување на извршната исправа во оригинал. Извршителот е должен да постапува по барањето за извршување. Со врачувањето на извршната исправа чие извршување се бара, извршителот е овластен да избере средства на извршување и предмети на должникот заради целосно извршување на извршната исправа.
            Ако доверителот е правно лице, барањето за извршување го поднесува законскиот застапник на правното лице кое како такво е запишано во Централниот регистар на Македонија или преку полномошник адвокат или лице дипломиран правник кое со доверителот е во работен однос. Ако вредноста на побарувањето-предметот надминува 1.000.000 денари, полномошник на правно лице може да биде лице кое е дипломиран правник со положен правосуден испит и кое е во работен однос со правното лице. Ако барањето за извршување од страна на доверителот е поднесено преку полномошник тоа со барањето треба да поднесе и полномошно и докази дека ги исполнува погоре наведените услови. Ако како полномошник, барањето го поднесе лице кое не поднело и полномошно и докази, извршителот ќе донесе заклучок со кој на тоа лице ќе му оневозможи застапување и за тоа ќе ја извести странката. Ова е регулирано во Законот за парнична постапка:
Член 74
Во текот на целата постапка судот (при извршување ИЗВРШИТЕЛОТ) по службена должност ќе внимава дали лицето кое се јавува како странка може да биде странка во постапката и дали е парнично способно, дали парнично неспособната странка ја застапува нејзиниот законски застапник и дали законскиот застапник има посебно овластување кога тоа е потребно.
Ова е многу важно од причини што започнувањето на извршна постапка без да бидат исполнети овие услови би довеле до ништовност на целата постапка и би настанале несогледливи штети како за доверителот така и за должникот како странки. Дали има недостатоци од ваков тип извршителот внимава по службена должност и е должен да не започнува со извршувањето, да го запре веќе започнатото извршување или да не превзема извршни дејствија за кои е потребна согласност на странката ако истите ги побарало лице кое незаконски се појавува како полномошник или воопшто нема поднесено полномошно. Ова од причини што ако во постапката учествуваат лица кои не го познаваат правото можат да му наштетат на самата постапка или заради незнаење истата да ја одолговлекуваат или истата да ја носат во бизарни ситуации со што на крајот сите дејствија се носат во ќорсокак на штета на сите. Многу е лошо и крајно, одговара извршителот ако, на ова не внимава уште од самиот почеток на извршувањето бидејќи на крајот настанатата штета од незаконско водење на истото е должен да ја надомести тој самиот.
           
И сега, за да овој текст биде интересен за поширока публика како пример ќе разгледаме еден ОДГОВОР НА ПРИГОВОР поднесен од лице кое нема полномошно истиот да го поднесе нити ако има, не е дипломиран правник со положен правосуден испит, а истото е вработено кај правното лице странка. Имено,
           
Странките се правни лица, вредноста на предметот е 1.668.862 денари. По поднесен приговор од страна на едната странка за сторени неправилности од страна на извршителот, одговор на приговорот дава другата странка:
           
                          Доверителот, благовремено доставува одговор на приговорот и смета дека наводите во приговорот се неточни, а истиот е пред се ненавремен и неоснован поради следново:
            Согласно чл.77 ст.2 од Законот за извршување приговорот образложен, аргументиран и поткрепен со соодветни докази се поднесува во рок од три дена по денот на осознавање на неправилноста. Од доставениот приговор и прилозите неспорно може да се утврди дека должникот истиот го изготвил и го доставил до Претседателот на основниот суд по препорачана пратка на ден 09.09.2014 година. Должникот во точка 2 став 1 од приговорот самиот тврди дека трите заклучоци се изготвени на иста дата, па следствено на тоа логично е и да се доставени заедно на иста дата. Ако се земе во предвид дека датумот на прием е тој што го навел должникот во приговорот, односно 04.09.2014 година, датумот на кој должникот ги примил заклучоците кој ги оспорува паѓа во четврток, рокот за истакнување приговор согласно цитираната одредба истекува на ден 08.09.2014 година во понеделник, а должникот го изготвил и доставил приговорот ден подоцна, односно должникот достави ненавремен приговор па поради тоа доверителот предлага Претседателот на Основниот суд да го отфрли истиот како таков„

Рокот за поднесување приговор во извршната постапка како lex  specialis е определен на три дена. Бидејќи во Законот за извршување не е предвидено како се сметаат роковите, како lex generalis се применуваат одредбите од Законот за парнична постапка:
Член 104
(1) Роковите се сметаат на денови, месеци и години.
(2) Кога рокот е определен на денови, во рокот не се засметува денот кога доставувањето или соопштувањето е извршено, односно денот во кој паѓа настанот од кога треба да се смета траењето на рокот, туку за почеток на рокот се зема првиот нареден ден.
(3) Роковите определени на месеци, односно на години завршуваат со истекот на оној ден од последниот месец, односно година кој по својот број одговара на денот кога започнал рокот. Ако го нема тој ден во последниот месец, рокот завршува последниот ден на тој месец.
(4) Ако последниот ден на рокот паѓа на државен празник или во недела или во некој друг ден кога судот не работи, рокот истекнува со истекот на првиот нареден работен ден.
Член 105
(1) Кога поднесокот е врзан за рок, се смета дека е даден во рокот ако пред да истече рокот му е предаден на надлежниот суд.
(2) Ако поднесокот е упатен по пошта со препорачана пратка, денот на предавањето на поштата се смета како ден на предавање на судот до кој е упатен.


           
Образложение: не е спорно меѓу странките дека должникот актите ги примил во четврток на 04.09.2014 година. Рокот за поднесување приговор почнува да тече од наредниот ден ПЕТОК, САБОТА, НЕДЕЛА. Во недела согласно став 4 од Член 104 од ЗПП недела е ден кога судот и поштата во Македонија не работат. Нареден ден е ПОНЕДЕЛНИК 08.09.2014 година, кој за македонскиот народ е свет ден, ДЕН НА НЕЗАВИСНОСТА, кој со законот за Државни празници е неработен ден во Република Македонија, ден кога судот и поштата во Македонија не работат. И сега, согласно став 4 од Член 104 од ЗПП, рокот истекнува со истекот на првиот нареден работен ден, а тоа е вторник 09.09.2014 година. Согласно Законот за извршување, Законот за парнична постапка и Законот за празници на РМ, приговорот на должникот е навремено поднесен.

            Полномошникот на доверителот потрошил цела една страна за да го убедува судот во ненавременоста на приговорот. Зошто се случува ова. Одговорот го дал лице со иницијали Р.М. кој нити со истиот поднел писмено полномошно нити пак по вокација е дипломиран правник а камоли, за овој случај да биде дипломиран правник со положен правосуден испит. Секоја чест на други професии и лицата кои професионално си ја извршуваат својата професија но, треба да знаат дека ПРАВОТО не е само за читање, тоа треба да се разбере бидејќи, носењето на еден правен акт е комплексна работа и истиот се носи во соодветна процедура и е резултат на разбирање на повеќе правни дисциплини и законите кои нив ги репрезентираат.
Или пак доверителот знаел за овие одредби, ама како и се друго, не го признава и нашиот најголем национален празник од поновата историја 08.септември ДЕН НА МАКЕДОНСКАТА НЕЗАВИСНОСТ  и во скриена форма сака да ни укаже дека овој ден за него нема важност и е еден обичен работен ден. Не знам за доверителот, ама за тој што е потпишан на истиот како полномошник, а се прикажува за наше дете, ГОСПОТ ДА ЧУВАТ............


ПРОДОЛЖУВА...

           


                       






Нема коментара:

Постави коментар