четвртак, 19. фебруар 2015.

МОИТЕ ДЕЦА НЕМА ДА ОКУПИРААТ

Отворено писмо на родител на тројца студенти,

Денес, понеделник, 16.02.2015 година денот ми почна вообичаено. Прва обврска секој понеделник ми е да ја посетам една од банките во мојот град и да пратам пари кај моите три деца студенти во Скопје. Само јас и сопругата знаеме како врзуваме крај со крај, само да ги школуваме нашите деца. Дури мораме секој понеделник да праќаме пари бидејќи, неможеме тоа да го сториме еднаш месечно. Никогаш не се знае дали некоја седмица ќе мора да ја прескокнеме и да им кажеме на нашите тројца студенти да си кратат од следувањето од претходната недела за да преживеат со минималецот кој едвај им го праќаме. Но, нивната желба за образование и радоста на нивните родители дека имаат три чеда идни академски граѓани се мотив невиден. Нема родител кој нема да се жртвува ако неговите деца сакаат да учат. Да не споменувам дека, до 31.01.2015 година уредно ги уплативме средствата за партиципација и кофинансирање. Но и тоа не е тешко, господ ќе врати, само децата да учат и да се живи и здрави.
Радоста дека денес успеав да соберам пари и да им го пратам неделното следување, кратко ми траеше.
Околу пладне ми се јавува еден од моите синови кој е во прва година на еден од техничките факултети. Јас мислам се јавува да праша, дали сум го пратил следувањето па да оди до банкомат да ги извади парите. И тоа ме праша, ама ми кажа нешто што многу ме загрижи и вознемири. Вели:
,,Тато, денес немавме предавања, факултетот беше окупиран. Почна часот а на предавањето влегоа и други студенти кои не се од нашата група, придружувани од професори кои ги поддржуваат и почнаа да го оневозможуваат предавањето со гласно зборување и дофрлување на прашања кои не се ни предмет на изучување на нашиот факултет и повици до нас да се придружиме на окупацијата. Немаше услови да се одржува настава по што моите колеги почнаа еден по еден да излегуваат, а нашиот професор исто така затечен не смируваше со зборовите,,Ќе надоместиме подоцна,, откако ние излеговме, излегоа и ја напуштија предавалната и останатите и се вратија кај своите колеги кои го ,,окупираа,, факултетот. – Каде сте ти и сестра ти сине сега? Не се плаши тато јас, сестра ми и еден наш колега сега одиме на кафе и одиме дома. Бато, преку фејсбук разбрал дека и на правен било исто и воопшто денес не отиде на факултет, а тој како што е принципиелен кажа дека додека не се ослободи окупираниот факултет воопшто нема намера да оди на факултет,,
            И сега што еден родител да помисли? Децата ми се во опасност! Како бе нема предавања? Кога бе овие деца ќе надоместат тоа што со окупација им било скратено? Јас едвај успевам седмица до седмица да преживеам за да школувам деца а некој ги окупира факултетите. И потоа си велам. Запри бе малку, помисли и ти кога беше на факултет, како беше?
            Да, и јас во младоста бев анархист, ама, уште во првата година на факултетот сватив дека добро е да си анархист ама во општество во кое сите се договориле да живеат анархистички. Да тоа е врв на човековата слобода. Секој да живее онака како што сака. Ама, во општество и држава која е уредена со Устав и закони, и каде дури и половина од граѓаните да бидат анархисти а другата половина да бидат лица кои го почитуваат правниот поредок, настанува проблем. Не може да функционира општество каде хармонично би егзистирале овие две групи. И уште во средните осумдесетти години се откажав од анархизмот сфаќајќи дека тој функционира само ако целото општество е такво а, во општество кое се стреми Уставот и законите да функционираат, анархизмот е голем проблем.
            Кој сте бе вие студентски пленуми, професорски пленуми, окупатори и слични описни архаични термини што играте на тенка жица? Зар вашите неартикулирани и нејасни барања треба да ја загрозат егзистенцијата и животот на други ваши колеги кои сакаат да учат? Па и тие се на Ваша возраст, исто и ним крвта им врие, ги има дури и повеќе од Вас а не сакам ни да помислам што ќе се случи ако од утре тие пак во Ваш стил решат да ги деокупираат факултетите.
            Луѓе! Свестете се. Ова мора да престане.
            Јас пак сум доволно зрел да сватам дека целта на овие окупации е да реагира правната држава и нормално тука ќе има камери, па симулирани тепачки, па плачење и незнам што и тоа врз студенти, па странски медиуми и ете ти беља.
            Моите деца таму нема да се, ама се плашам што ако моите деца и нивните истомисленици рашат да ги деокупираат факултетите. Е тогаш луѓе мои џабе е се!!!
            На крајот од нашиот разговор како родител не дадов совет, нека се лути кој сака, ДАДОВ НАРЕДБА: Нема одење на факултет додека оваа рашомонијада не се реши и утре под итно да се вратите во Ресен. Барем за автобуска карта денес ви пратив пари.


Тони Нанчовски, родител на тројца студенти

Нема коментара:

Постави коментар