недеља, 9. новембар 2014.

НАРУШУВАЊЕ НА НЕПОВРЕДЛИВОСТА НА ДОМОТ

Уставот на Република Македонија во делот за основните слободи и права на човекот и граѓанинот го поставува темелот на една од најголемите придобивки на демократското општество, граѓанските и политичките слободи и права. Со овие одредби недвосмислено определува дека граѓанинот е оној од кој се започнува и зе завршува.
Во својот Член 25 определува дека, На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Во Членот 26 пак, Уставот, ја гарантира неповредливоста на домот со исклучок дека истата може да биде ограничена единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.
Овие две одредби од Уставот на Република Македонија се операционализирани во мноштво закони донесени од страна на Собранието на Република Македонија како и од страна на Владата преку разни подзаконски акти и акти на бројни државни институции. Скоро и да нема област од општественото живеење и правни акти каде овие уставни одредби немаат своја елаборација.
Посебно, Кривичниот законик на Република Македонија го санкционира непочитувањето на ова со Устав загарантирано право на граѓаните.
            Во членот 145 од Кривичниот законик санкционирано е како кривично дело Нарушување на неповредливоста на домот
1.      Тој што неовластено ќе влезе во туѓ дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или приватен деловен простор означен како таков или по барање од овластеното лице оттаму не се оддалечи, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
2.      Ако делото од став 1 го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
3.      Обидот за делата од ставовите 1 и 2 е казнив.
4.      Гонењето на делото од став 1 се презема по приватна тужба.
        Имајќи ја во предвид сензитивноста на човековата приватност, законодавецот предвидел казнување за ова кривично дело дури и во случаи кога само е сторено обид истото да се направи.
   Едно од основните начела во оваа сфера е уставното начело на неповредливост на домот, кое претходно е цитирано. Ако постои место во кое човекот се чувствува сосема слободен, препуштен на својата волја, тоа е, бездруго неговиот дом, односно просториите во кои престојува. Иако денес, во услови на неизбежна пенетрација во интимитетот на човековото живеење на средствата за масовно комуницирање и користењето на други технички средства, услови за живот и слично, ни оддалеку не важи начелото на некоја апсолутна слобода, сепак останува неспорниот интерес за попречување на несаканото лично присуство во туѓ дом или други простории на некое лице, спротивно на волјата на оној што живее во нив.Тоа значи дека, никој нема право без дозвола на лицето што живее во тој дом, самоволно да влегува во него и да му го нарушува спокојството. Оттука, објект на заштита кај ова кривично дело не е самиот дом, деловен простор и другите простории како простории, како имотна вредност, правото на сопственост или другите имотни права врз нив, туку личната слобода на поединецот и правото на спокојство, односно невознемирување на поединецот во просторот во кој живее.
           
Според дејствието на извршување, постојат два облици на делото: активен (неовластено влегување) и пасивен (неоддалечување од домот). Неовластено влегување значи влегување во туѓ дом или простор спротивно на волјата на овластеното лице (лицето што живее во него). Влегувањето може да биде со совладување на некаква препрека, со давање отпор или со недобивање согласност за влегување од страна на владетелот, односно држателот на станот или другите простории. Поимот го опфаќа, покрај насилното влегување со совладување на физички пречки (кршење на врата, влегување преку прозорец и слично), и секое дејствие на влегување, спротивно на изречна или молкум изразената волја на овластеното лице (влегување во домот и покрај неговата лична забрана и покрај дадениот гест што означува непожелност на несаканиот гостин и слично).  
            Објект на дејствието е туѓ дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или приватен деловен простор означен како таков. Под ,,дом,, се подразбираат простории што се наменети или се користат за живеење на луѓето, за подолг или пократок престој во нив преку денот (стан изграден со таква намена, што може да се состои и од една соба, прилагодени простории за живеење, како шупа, визба и слично, хотелска соба, простории што се функционално поврзани со станот: визба, ходник и слично).
            Под затворени или заградени простори се подразбираат затворени простории во кои човекот минува определен дел од денот, или се подредени на станувањето, а во кои не може слободно да се влезе,без изречна согласност на определено лице, односно без совладување на пречки (двор ограден со ѕид и слично).
            Треба да се работи за туѓ дом, односно туѓи простории. Поимот не изразува постоење сопственички однос, туку се дедуцира од објектот на заштита на ова дело, а со оглед на тоа дека објект на заштита е правото на интимност и спокојно коритење на домот, односно другите простори, под овој поим се подразбира дом или простор во кој такво право, трајно или привремено има некој друг, а не извршителот на делото. Тоа е простор кој е привремено или трајно окупиран од друг, простор во кој едно лице може слободно да го користи правото на спокој и мир, со право да го исклучи присуството на било кое друго лице, односно, секое лице што овластено поседува определен затворен простор со право да го исклучи присуството на трети лица.
Неоддалечувањето од туѓ дом или затворен простор по барање на овластено лице, го претставува пасивниот облик на ова кривично дело. Дејствието на извршување има пасивен вид (пропуштање), што може да биде остварен и со сторување (на пример, активно спротивставување на сторителот да биде исфрлен од станот. Претпоставка за овој облик е сторителот неовластено да се нашол во туѓ дом или затворени простори, а исто така, да постои изречно изразена волја на овластеното лице, тој да се оддалечи од домот, односно затворените простории.
     Кривичното дело Нарушување на неповредливоста на домот влегува во групата на трајни кривични дела. Тоа е довршено со чинот на влегување, физичко присуство на сторителот во туѓ дом или затворен простор, односно останувањето во него и по соопштувањето на барањето на овластеното лице за негово оддалечување. Делото е умислено. Сторителот треба да биде свесен дека неовластено влегува во туѓ дом, односно дека постои барање од овластеното лице тој да се оддалечи од домот.
        Потешкиот облик на ова кривично дело постои кога, ова кривично дело ќе го изврши службено лице во вршење на службата. Тоа значи дека делото се остварува со преземање дејствие што влегува во рамките на службените овластувања на службено лице
       И за крај, замислете ситуација:

                 Ви доаѓа на врата ИЗВРШИТЕЛ и ве тера да примите документи кои нити се наменети за вас, нити за некој од Вашето семејство и не се оддалечува од Вашиот дом се додека не ги примите, иако Вие, изрично му кажувате дека Вашиот дом и Вие лично не сте тие што тој ги бара.
     Дали во ваков случај постои кривично дело Нарушување на неповредливоста на домот по Член 145, став 2 ?



Нема коментара:

Постави коментар