среда, 12. новембар 2014.

СУБЈЕКТИ, ПРЕТПОСТАВКИ И ТЕК НА ПОСТАПКАТА НА ИЗВРШУВАЊЕ

СУБЈЕКТИ НА ПОСТАПКАТА НА ИЗВРШУВАЊЕ
                  Основни субјекти на постапката на извршување се извршителот и странките. Покрај нив, како субјекти на постапката на извршување се јавуваат и судот, учесниците во постапката на извршување и помошните органи.

Извршител
             Постапката на извршување е постапка во која присилно се остваруваат определени побарувања кои се на несомнен и авторитетен начин утврдени со извршна исправа. Тоа подразбира примена на определени мерки на принуда спрема должникот, кој доброволно не ја исполнил обврската во рокот определен со извршната исправа.
Принудата претставува елемент на државната власт, па оттука е неспорно дека судовите како носители на судската власт можат да го спроведуваат присилното извршување. Во услови кога заради зголемување на ефикасноста на судовите во заштитата на правата, присилното извршување се иззема од надлежноста на судовите и се става во надлежност на други субјекти надвор од судската власт, мора да се обезбеди дека тие други субјекти ќе имаат јавноправни овластувања, за да можат, поеднакво, како и судовите да ги применуваат мерките на принуда спрема должниците.
Во Република Македонија прифатен е модерен концепт на извршување според кој извршувањето го спроведува извршител. Извршителот е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон и кое е именувано согласно со одредбите на ЗИ. Извршителот (како и неговиот заменик и помошник), директно одлучува за дејствијата што треба да ги преземе во рамките на своите овластувања, за да се спроведе извршната одлука. За извршените дејствија, извршителот има право да наплати награда (по тарифа), што го мотивира да работи брзо, ефикасно, но, и квалитетно и законито.
            Странки
Постапката на извршување е изградена на двостранечката шема. Таа се води меѓу две странки: доверител (активна странка) и должник (пасивна странка).          
Во смисла на ЗИ, доверител е лице чие побарување се остварува во постапката на извршување. Всушност, доверител е лице во чија корист се спроведува извршување (процесноправна дефиниција). должникот е лице спрема кое се остварува побарување. Побарувањето кое се остварува во постапка на извршување може да биде парично или непарично, па во таа смисла, под побарување се подразбира право на наплата на паричен износ или право на некое сторување или несторување или трпење.
Во постапката на извршување, доверител и должник сфатени во процесноправна смисла можат, по правило, да бидат само лица кои во извршната исправа се означени како доверител и должник.
            Странките во постапката на извршување треба да имаат странечка способност и парнична способност. За овие својства на странките во постапката на извршување соодветно се применуваат одредбите од ЗПП.
             Странките во постапката на извршување треба да имаат и процесна легитимација за водење на оваа постапка. Процесната легитимација е овластување на конкретен доверител за поведување на постапка на извршување против конкретен должник. Легитимацијата за водење на постапка на извршување произлегува од извршната исправа: неа ја имаат лицата кои во извршната исправа се означени како доверител и должник. Процесно легитимирани се и лицата кои со квалификувана исправа докажуваат дека со сукцесија стекнале процесна положба на странка.
     Суд
            Иако, со ЗИ извршувањето е изземено од надлежност на судот, сепак судот и понатаму има определени ингеренции во постапката на извршување. Така, уште со Законот за судовите, е пропишано дека основните судови со основна и проширена надлежност, меѓу другото, се надлежни да одлучуваат во прв степен во постапката за обезбедување и извршување (чл. 30, ст. 2, ал. 8 и чл. 31, ст. 2 ЗС).
                Според ЗИ, судот ја има следната надлежност во постапката на извршување: а) по барање на извршителот поставува привремен старател кога во текот на спроведувањето на извршувањето настапила смрт на странката или на нејзиниот законски застапник, а наследниците и законскиот застапник не се познати или не е познато нивното престојувалиште, б) прима гаранција (во готови пари) што се полага во текот на постапката на извршување кога е тоа определено со ЗИ, в) дава дозвола за спроведување на извршувањето во термин различен од оној определен со ЗИ, г) дава писмена дозвола за преземање на извршни дејствија во станот на должникот, д) одлучува по приговорот поради неправилности при извршувањето, ѓ) одлучува за противизвршување, е) одлучува за одлагање на извршувањето, ж) изрекува парични казни спрема должникот во одделни постапки на извршување, з) го прима во депозит износот на побарувањето, или предметот на обврската, кога тоа е определено со ЗИ, и ) врши други работи определени со ЗИ.
            Во најголем дел од наведените случаи, функционално е надлежен претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето.

 ПРЕТПОСТАВКИ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ

  Претпоставки за извршување се услови кои треба да бидат исполнети за да може се спроведе извршување. Претпоставките можат да бидат од материјалноправна и процесноправна природа. Тие се однесуваат на: извршната исправа, побарувањето за кое се води постапка на извршување и предлогот за извршување.
              Извршна исправа
            Присилно извршување заради остварување на некое доверителово побарување може да се спроведе само врз основа на извршна исправа или извршен наслов (titulus executionis). Нема присилно извршување без извршна исправа - nulla executio sine titulo. Овој постулат е последица на карактерот и целта на постапката на извршување. Во постапката на извршување со преземање на определени мерки на принуда се зафаќа во имотот на должникот, па, оттука, постоењето на доверителовото побарување мора да биде утврдено со висок степен на сигурност со определена квалификувана исправа - извршна исправа. Извршната исправа е јавна исправа, која, по правило, е резултат на една претходна когнициска постапка (парнична, кривична, управна, арбитражна, итн) со која авторитетно и несомнено е утврдено постоењето на доверителовото побарување.
            При определување на поимот извршна исправа, ЗИ го користи методот на таксативност. Својство на извршна исправа имаат само оние исправи кои како извршни исправи се определени со закон.
 Извршност на нотарска исправа. Нотарската исправа е извршна исправа, ако станала извршна според посебен пропис кој ја уредува извршноста на таквата исправа.
Според Законот за нотаријатот, нотарскиот акт е извршна исправа ако во него е утврдена определена обврска на чинење за која странките можат да се договорат и ако содржи изјава на обврзникот за тоа дека врз основа на тој акт може заради остварување на чинењето по пристигнувањето на обврската непосредно да се спроведе присилно извршување. Врз основа на нотарска исправа која станала извршна во еден дел, извршувањето ќе се спроведе само во тој дел.
Потврда за извршност (клаузула на извршност). Клаузулата за извршност (потврдата на извршност) претставува решение на надлежниот суд или друг орган дека конкретната исправа е извршна.
По писмено барање на странката, нотарот става потврда за извршност на нотарска исправа, кон која е приложена заверена изјава дека побарувањето или дел од него пристигнало.
          Нотарот ќе стави потврда за правосилност и извршност на решението со кое се дозволува извршување, ако во рокот од осум дена не прими приговор, односно приговорот го отфрлил како ненавремен или недозволен.
Неоснованата потврда за извршноста со решение ќе ја укине истиот суд, односно орган по предлог или по службена должност. 
Подобност на извршната исправа за извршување. За да може да се спроведе извршување потребно е извршната исправа да има определена содржина - да биде подобна за извршување. Тоа го наложува начелото на строг формален легалитет. Извршната исправа е подобна за извршување ако во неа се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнувањето на обврската. Ако во извршната исправа не е определен рокот за доброволно исполнување на обврската, извршителот со покана го повикува должникот во рок од осум дена од денот на доставувањето на поканата да ја исполни обврската утврдена во извршната исправа.
          Претпоставки кои се однесуваат на побарувањето 
          Според ЗИ, поимот побарување се дефинира како право на наплата на паричен износ или право на некое сторување или несторување или трпење. Претпоставките кои се однесуваат на побарувањето имаат главно материјалноправен карактер. За да се спроведе присилно извршување заради остварување на некое побарување потребно е: побарувањето да постои, побарувањето да е пристигнато, а во определени случаи да се исполнети и некои други услови.
            Постоењето на побарувањето се утврдува со извршната исправа. Во извршната исправа побарувањето е дефинирано во поглед на својот предмет, вид, обем и време на исполнување. Извршната исправа не само што укажува на постоењето на побарувањето, туку, исто така, ја покажува и легитимацијата на странките во постапката на извршување. Ако во меѓувреме дошло до пренос на побарувањето или обврската на друго/други лица, тие својата легитимација ја докажуваат со квалификувани исправи наведени во ЗИ. 
Пристигнатоста на побарувањето е основна претпоставка за настапување на извршноста на една исправа. Пристигнатоста на побарувањето претставува правна ситуација во која доверителот е овластен без одлагање да бара остварување на своето побарување, а должникот е обврзан така да постапи. Пристигнатоста на побарувањето се определува според нормите на материјалното (облигационото) право.

Поведување на постапката на извршување (барање за извршување)
    Постапката на извршување се поведува согласно начелото на диспозиција. Иницијалното процесно дејствие е барањето за извршување. Барањето за извршување на извршната исправа доверителот го поднесува до извршителот во писмена форма. Кон барањето доверителот ја приложа извршната исправа во оригинал.
            ЗИ не ја определил содржината на барањето за извршување, па супсидијарно се применуваат одредбите на ЗПП, кои се однесуваат на содржината на поднесоците. Барањето мора да биде јасно и разбирливо и да ги содржи сите податоци за да може извршителот да постапува по него.
Извршителот е должен да постапува по барањето за извршување. Co врачувањето на извршната исправа чие извршување се бара, извршителот е овла­стен да избере средства на извршување и предмети на должникот заради целосно извршување на извршната исправа.

 СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИЗВРШУВАЊЕТО (ИЗВРШНИ ДЕЈСТВИЈА)

     Извршната постапка, што некогаш ја спроведуваше судот согласно Законот за извршната постапка, се состоеше од два стадиуми: дозволување на извршување и спроведување на извршување.
     За разлика од некогашната извршна постапка, постапката на извршување од структирален аспект е поедноставена и се состои само од едeн стадиум -спроведување на извршувањето.
        При спроведувањето на извршувањето, извршителот, во содејство со странките и другите учесници во извршувањето презема определени дејствија -извршни дејствија - заради остварување на доверителовото побарување.
     Спроведувањето на извршувањето започнува со преземање на првото извршно дејствие и се завршува со конечно намирување на доверителовото побарување. Кога доверителот еднаш ќе поведе постапка на извршување, извршителот понатаму го спроведува извршувањето по службена должност. Сепак, ЗИ често натамошниот тек на извршувањето го врзува за иницијативата на доверителот, па ако таа иницијатива изостане, извршувањето се запира (на пр. ако доверителот не стави предлог за нова продажба на недвижноста во определен рок, итн). 

Р Е З И М Е 
          Горниот текст за претпоставка зема дека субјектите, претпоставките и текот на постапката за извршување се реализираат во рамките на законите. 
       Што се случува кога уште на почетокот станува збор за незаконско постапување а, постапката преку разни незаконски дејанија е доведена при крај, а законот го прекршувале доверителот, извршителот, судот. Каде се овде правата на должникот?








Нема коментара:

Постави коментар